КАСАНДРА (I крак)
ПЕФКОХОРИ
Доколку би го превеле неговото име, тоа всушност буквално би го означило и негово вистинско осликување – “село во борови”. Ова познато туристичко место, кое се наоѓа на првиот крак на Халкидики – Касандра, е оддалечено на само десетина километри од веќе опишаното Полихроно. Многу поголемо и со многу повеќе содржини, Pefkohori со својата динамичност на постојано движење, секогаш претставувало магнет за туристите кои во летото бараат и многу забава. Опкружено со борови шуми, протегнато покрај прекрасното море и песочната плажа, ова туристичко место отсекогаш се вбројувало во најпознатите и најпосетените на полуостровот Халкидики. Многуте објекти за сместување, хотелите од сите категории, како и вонпансионските содржини со кои изобилува, Пефкохори го издвојуваат како високо развиена туристичка дестинација.